Партијата на правдата и развојот (АКП) на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, најави жалби поради неправилности во повеќе илјади гласачки места на локалните избори во Анкара и во Истанбул, објави Би-би-си.
Генералниот секретар Фатих Сахин на Твитер напиша дека партијата ќе ги користи правните средства за да ја спречи ,,промената на волјата на граѓаните во Анкара”.
АКП вели дека имало неважечки гласови и неправилности во повеќето од 12.158 избирачки места во главниот град на Турција. Партијата ќе поднесе жалби во најголемиот турски град Истанбул и во источната провинција Игдир.
Според податоците на Централната изборна комисија, 85 отсто од вкупно 57 милиони регистрирани гласачи излегоа на гласање. Според најновите податоци, во Анкара води кандидатот за градоначалник на опозициската Републиканска народна партија, Мансур Јавас, со речиси 51 проценти од гласовите, додека кандидатот на АКП, Мехмет Озхасеки, освои 47 проценти.
Двете партии тврдат дека победија во Истанбул. Централната изборна комисија објави дека Републиканската народна партија води со околу 0,5 отсто повеќе гласови, но се поднесени жалби на повеќе од 80 избирачки места.