Комесарот за преговори за членство во ЕУ, Јоханес Хан, очекува дијалогот помеѓу Белград и Приштина да излезе од ќор-сокак и да резултира со договор, кој, како што кажа, ќе биде дефиниран на стотици страни.
Тој истакна дека се надева оти наскоро ќе има продолжување на дијалогот помеѓу Белград и Приштина.
-Постои застој во дијалогот меѓу Белград и Приштина и се надевам дека наскоро ќе можеме да го надминеме ова. Решението за ова прашање и целта на правно- обврзувачкиот договор е основен предуслов и за многу регионални проекти кои бараат појасни идни односи, изјави Хан.
Договорот меѓу Северна Македонија и Грција има помеѓу 35 и 40 страници, потсети Хан и рече дека не очекувам идниот договор меѓу Белград и Приштина да биде помал.
-Веројатно ќе има стотици страни. Без оглед на резултатот, тој мора да биде одржлив, да придонесе за развој на целиот регион и да не влијае на трети страни, рече Хан.
За време на дебатата за „Иднината политиката на ЕУ за проширување” во Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент, Хан потврди дека ЕУ нема да ги прими во ЕУ земјите со отворени билатерални прашања.
Комесарот Хан истакна дека во основата и во фокусот на политиката на проширувањето на ЕУ е напредокот во економијата и владеењето на правото.
Тој, исто така, ги отфрли наводите за можно постоење на „Балканска пролет” во регионот.
-Јас не би го користел терминот „Балканска пролет”затоа што демонстрациите во Србија, Албанија и Црна Гора имаат различни причини. Внатрешната политика влијае многу на незадоволството, но причините за протестите се разликуваат, од една до друга земја, рече Хан.
Тој најави дека Европската комисија кон крајот на мај ќе го претстави годишниот извештај за напредокот на земјите во процесот на проширувањето.
Хан, исто така, најави дека Комисијата за Северна Македонија и Албанија ќе предложи влегување во подготвителната фаза на преговорите и ги повика земјите-членки без страв да го поддржат продолжувањето на процесот на проширување, кој, според него, всушност преставува „заокружување на ЕУ”.
-Убеден сум дека процесите на институционална реформа на ЕУ и проширувањето на ЕУ можат да се одвиваат паралелно, бидејќи и двата процеса бараат години за да се реализираат. Губење на време е ако се чека прво на институционалната реформа на ЕУ, бидејќи и онака не се работи за проширување, туку за заокружување на Унијата, констатираше Хан.
Тој потсети дека преговорите со најмладиот член ЕУ- Хрватска траеле осум години и се очекува преговорите со идните земји-членки да траат подолго.