Во Културно-информативниот центар вечер од 20 часот ќе биде отворена изложбата „100 години потоа” – скулптури и слики од Златко Бојковски. Ќе бидат претставени 25 скулптури изработени од метал најден на планината Кајмакчалан од Првата светска војна (шлемови, бомби, куршуми, пушки…), кои уметникот ги создал во последните две години.
-Уметникот конструира композиција исполнета со метални врски, спојки, алки, кои како да зависат една од друга. Користејќи отпад, но специфично за него, користи остатоци од шрапнели, метални остатоци од гранати, отпад од оружје од Првата светска војна тој создава нови форми. Материјалот е робустен, користи железо, калај, лиен алуминиум, некогаш тоа се цели (железни) предмети, шлемови, пиштоли и друго и ги вградува во негова нова форма, наведува Дијана Томиќ-Радевска во каталогот за изложбата која ќе може да се посети до 16 април.
Покрај скулптурите, изложбата ќе прикаже и десет слики работени во техника акрилик на платно, создадени, исто така, во изминатите две години.