Филипинските цариници беа зачудени кога отворија убаво спакувани кутии од бисквити и овесна каша што потекнуваа од Полска и видоа стотици живи тарантули во нив.
Цариниците конфискуваа 757 пајаци во пошта во близина на меѓународниот аеродром во Манила, а подоцна уапсија еден Филипинец кој се обидел да ги преземе тарантулите. Тој пајаците ги нарекол „колекционерски предмети”.
Филипинските закони за диви животни забрануваат трговија, собирање и поседување такви пајаци без потребни дозволи.
И покрај високите парични казни и казните затвор, во Манила минатата година цариниците запленија стотици примероци од голем број видови. Меѓу нив се и игуани, камелеони и популарни рептили наречени брадести змејови.