Новиот претседател на Казахстан Касим-Жомарт Токаев оцени дека преминувањето кон употреба на латиницата е една од клучните етапи во духовната модернизација на земјата.
-Изборот на азбука не е само избор на моделот за пишување. Денес, Казахстан не заостанува: соседните земји, исто така, го избраа латинското писмо, 90 отсто од светските информации се објавуваат на латинично писмо, рече новиот шеф на државата.
Тој додаде дека многу јавни организации и компании веќе го користат латинското писмо. Според претседателот, транзицијата кон латиницата ќе се одвива во фази, според претходно утврден распоред. Во првите две години предвидено е формирање владино тело за транзиција, создавање дигитален код за промена на писмото и повторно издавање на учебниците во училиштата во земјата. Втората фаза ќе почне во 2021 година, и ќе трае две години, а ќе опфаќа обука на професорите од средните училишта. Последната, трета фаза, ќе трае една година и ќе се однесува на превод на владини документи и вести во владините медиуми, како и вработување на т.н. инфлуенсери за работа на социјалните мрежи.
Целиот проект се очекува да чини околу 665 милиони долари.
Во февруари минатата година, тогашниот претседател Нурсултан Назарбаев ја одобри новата азбука на Казахстан, базирана на латиничното писмо. Таа има 32 букви и нема апострофи. Преминот треба да биде завршен до 2025 година.
Казахстанскиот јазик е туркофонски и употребува модофицирана кирилица со 42 букви. Казахстан ја користеше латиницата пред да стане дел од Советскиот сојуз. Но од 1942 година кога влезе во СССР почна да користи кирилица.