Повторно е тензично пред албанскиот Парламент, каде е во тек пленарна седница, а надвор протестираат приврзаници на обединетата албанска опозиција и незадоволни граѓани.
Демонстрантите се обидуваат насилно да го пробијат полицискиот кордон и да влезат во Парламентот. Кон полициските службеници се фрлаат димни бомби и тврди предмети. Засега нема информации за повредени полицајци.
Претходно тензично беше пред Министертвото за внатрешни работи каде со полицијата се судрија жителите од населбата „Астир”, кои протестираат повеќе од 120 дена, бидејќи нивните домови треба да се уриваат за да се гради големата обиколница во Тирана.
Во меѓувреме уште еден пратеник даде заклетва во Парламентот а уште двајца доставиле потребен формулар до Централната изборна комисија. Со нив Парламентот веќе има 101 пратеник.
За денешниот собир се ангажирани над 1.300 припадници на полицијата од сите сектори, а водените топови се подготвени доколку е потребно да се разбијат демонстрантите.
На осмиот протест по ред не присуствуваше лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, кој е во Берлин на средба со високи функционери на ЦДУ и Европските народни партиии. Според партијата, тема на средбите ќе биде актуелната политичка ситуација во Албанија и активностите на опозицијата за смена на Владата на премиерот Еди Рама.