Бизнисмени од Грција кои учествуваа на вчерашниот форум во Скопје, а веќе се активни во Северна Македонија, говорејќи за грчката новинска агенција АНА-МПА велат дека се задоволни од бизнис климата и соработката кај нас, јави дописничката на МИА од Атина.
Тие изразуваат оптимизам за билатералните бизнис односи меѓу двете соседни земји особено по Договорот од Преспа.
На вчерашниот бизнис форум во Скопје учествуваа речиси 140 грчки бизнисмени кои имаа можност на Б2Б средби да разговараат за соработката со нивните колеги од Северна Македонија.
Претседателите на „ГЕК Терна” и „Интракат” ги споделуваат нивните искуства кај нас. Првата компанија е присутна во Северна Македонија од 1989, втората во изминатите 10 години.
-Уште од 1989 година сме активни и сме многу задоволни од нашата соработка со луѓето. Ќе продолжиме со бизнисот и инвестициите, доколку се решат отворените прашања, вели претседателот на „ГЕК Терна” Јоргос Перистерис.
Тој за грчката новинска агенција објаснува дека имале соработка за индустриски производи кои што ги транспортирале до солунското пристаниште, но во изминатиот период имаат прашања што треба да се решат.
– Сметам дека оваа земја и нашата земја се многу блиски. Ништо не нѐ разделува, само многу работи нѐ обединуваат, вели Димитрис Кутрас, претседателот на градежната компанија „Интракат”, која работи на изградба на болница во Штип.
Веќе активна кај нас е и компанијата за производството на производи од челик „Виохалко”, а членот на управниот одбор, испраќа порака дека Северна Македонија е добра инвестициска дестинација.
-Врз основа на нашето искуство од оваа инвестиција, со сигурност велиме дека Северна Македонија е одлична за инвестиции, за основање бизниси кои можат да функционираат низ целиот Балкан. Постои добра инфраструктура, вработените и службите се одлични, а пораката што сакаме да ја пратиме е дека грчките компании треба оваа земја да ја видат како сериозна инвестициска дестинација со добри можности, вели Михалис Стасинопулос, членот на Одборот на директори на „Виохалко”
Претседателот на грчката алуминиумска индустрија „Алумил”, за АНА-МПА, коментира дека она што е важно е дека постои договор кој го отвора патот за соработки.
-Ние бизнисмените, независно од условите, се обидуваме да го искористиме пазарите. Кога овие пазари немаат проблеми или ситуации кои би можеле да создадат проблеми, уште повеќе го ослободуваат бизнисот. Сигурен сум дека многумина кои размислуваат за отворање бизнис во Скопје и беа некако воздржани, дека сега ќе го сторат тоа, по Договорот од Преспа, вели Јоргос Милонас.
-Моето присуство овде ја означува нашата желба да се вратиме во област каде што сме присутни во последните 30-35 години, за жал со прекини. Климата генерално не беше добра за големите проекти за кои бевме ние заинтересирани, на пример, за енергијата или за металургијата. Немаше добра клима, немаше ни пари. Не беше атрактивна бизнис дестинација, иако земјата е до нас. Многу бизнисмени преферираа да работат во Бугарија или во Турција. Овде многу помалку. Ако сега успееме да ги надминеме сите сомнежи кои сè уште постојат меѓу нас и да создадеме добра клима, мислам дека ќе постојат можности за големите компании, но уште повеќе за средните и помалите, вели претстедателот на групацијата „Митилинеос”, Евангелос Митилинеос за АНА-МПА.