Децата на саудискиот новинар Џамал Кашоги, кој беше убиен во саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври минатата година, како отштета од саудиската влада добија куќи во вредност од милиони долари и секој месец добиваат уште илјадници долари како помош, објави „Вашингтон пост“.
Според весникот во кој работеше Кашоги, куќите се наоѓаат во Џеда, западна Саудиска Арабија и секоја вреди околу четири милиони долари.
Семејството, исто така, може да добие десетици милиони долари по судењето на неговите наводни убијци во Ријад. Значи, семејство на убиениот новинар треба да добие пари и имот во вредност од околу 70 милиони долари, пишува Си-ен-ен.
Саудиската влада вели дека овие парични износи се наменети како надомест и помош, но некои претпоставуваат дека се работи за исплата по која се очекува од семејството да не го критикуваат јавно кралското семејство поради смртта на Кашоги.
Секое од четирите деца на Кашоги доби куќа во вредност од околу 4 милиони долари. Покрај тоа добија и еднократна исплата од околу 267.000 долари и ќе продолжат да добиваат помеѓу 10.000 и 15.000 долари месечна помош.