Вкупно 12 предлози и активности кои веќе се спроведуваат во соработката меѓу Северна Македонија и Грција, претставил грчкиот вицепремиер и министер за економија и развој, Јанис Драгасакис на вчерашната прва заедничка седница на Високиот Совет за соработка меѓу двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.
-Потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу потпретседателите на двете влади, што предвидува формирање на координативна Комисија за економска соработка помеѓу Грција и Северна Македонија, со кој заедно ќе претседаваат двајцата потпретседатели. Комисијата ќе се состои од 18 членови, со најмалку три министри и пет членови на бизнис заедница на секоја земја, е првиот предлог на Драгасакис, соопштуваат од неговиот кабинет.
Во однос на финансиските алатки, вицепремиерот ги споменал веќе постоечките програми што ги користат двете земји, а кон средината на април ќе треба да започне планирањето на новата програма за прекугранична соработка 2021-2027.
Драгасакис се осврнал и на можностите за пренесување на техничко знаење и искуство.
Во другите области Драгасакис ги споменал можностите за: соработка на Enterprise Greece со колеги од Северна Македонија за привлекување инвестиции; директно поврзување на трговските регистри на двете земји со перспектива за воспоставување на заеднички балкански бизнис регистар; соработка помеѓу пазарите и логистичките центри на двете земји за зајакнување на транспортот на земјоделско- прехранбени продукти; создавање на заедничка платформа за интерконекција на бизнис екосистемите на двете земји; заштита на правата на интелектуална сопственост и предлог за склучување на договор за билатерална соработка во борбата со нелегалната трговија на границата на двете земји.
За вчерашната прва заедничка седница на Високиот Совет за соработка меѓу двете земји со соопштенија излегоа и грчкото МНР и Министерството за дигитална политика и телекомуникации на Грција.
Алтернативната министерка за надворешни работи која потпиша два од договорите, за време на заедничката владина седница рекла дека „потпишувањето и стапувањето на сила на Договорот од Преспа ја покажува политичката волја за заедничка иднина со мир и солидарност”.
-Договорот од Преспа е пример од историско значење, не само на национално ниво, туку и за целиот балкански регион и за европскиот континент, рекла Анагностопулу и истакнала дека посетата е од големо историско и политичко значење.
Министерот за дигитална политика, телекомуникации и информации, Никос Папас, рекол дека Грција е „основен столб на стабилност развој на Балканот” и ја формира новата дигитална ера за целиот регион.
-Мостот на соработка и пријателство што го создадовме меѓу Грција и Северна Македонија го надградува секојдневието на нашите народи и економиите на двете земји во целина , рекол Никос Папас.
Како што соопштуваат од неговиот кабинет, за време на посетата на Скопје, Папас се сретнал со министрите Дамјан Манчевски и Роберт Поповски на која разговарале за имплементација на потпишаниот договор за намалување на роаминг цените меѓу двете земји, за размена на искуства за дигитализација на јавниот и приватниот сектор, за соработка на двете влади во сајбер-безбедноста и за проценката за одржаната конференција во Атина за лажните вести и Договорот од Преспа организирана од двете министерства