Јапонската влада изрази протест до Русија во врска со серија вежби со стрелање на руската војска што се спроведуваат во јужниот дел на Курилски Острови, изјави за ТАСС јапонското Министерство за надворешни работи.
„На 2 април протестиравме преку дипломатски канали. Ова е неприфатливо зашто го засега зајакнувањето на руското воено присуство на четирите северни острови (она што Токио го нарекува јужниот дел на Курилските Острови н.з.) и е во спротивност со нашата позиција во однос на овие острови”, се вели во соопштението на јапонското МНР.
Претставникот на министерството изјави дека протестот бил пренесен на состанокот на заменик-министерот за надворешни работи на Јапонија, Такео Акиба, и првиот руски заменик-министер за надворешни работи, Владимир Титов, на 2 април во Токио. Покрај тоа, истиот ден сличен протест бил пренесен и до руското МНР преку јапонската амбасада во Москва.
Од Русија посочуваат дека ја известиле Јапонија оти вежбите ќе се одржат на 4 и 5 април и од 8 до 12 април во делот на островот Итуруп.
Токио постојано протестира поради воените вежби со стрелање, а како одговор на тоа, Министерството за надворешни работи на Русија изјави дека честите жалби од јапонските дипломати во Русија не придонесуваат за формирање позитивни билатерални односи.



