Француски исламисти уапсени за планирање масакр во детска градинка

Двајца исламски екстремисти биле уапсени во Париз откако наводно заговарале масакр во една детска градинка, пренесува РТЛ. Двајцата мажи, и двајцата дваесетгодишници, биле уапсени на 25 март во Сен-ет- Марн, а парискиот обвинител ги обвинил за заговор за убиство на деца и полицајци.

Еден од инволвираните мажи ѝ е познат на Генералната дирекција за домашна безбедност (ДГСИ), француската агенција за внатрешно разузнавање. Човекот што полицијата го смета за организатор на заговорот признал дека сакал да влезе во градинката, да ги нападне децата, а потоа да земе заложници до пристигнувањето на полицијата и на крај да ги убие полицајците.

Осомничениот, исто така, зборувал пофално за терористот Мохамед Мерах, исламскиот екстремист кој стоеше зад пукањето во Тулуз и во Монтабан, во кое беа нападнати француски војници, наставници и деца во еврејско училиште во 2012 година.

Францускиот министер за внатрешни работи, Криштоф Кастанер, тврди дека француските безбедносни служби спречиле пет сериозни терористички заговори минатата година. Извор близок до истрагата, пак, изјавил за РТЛ дека главниот осомничен во заговорот е психички нестабилен и покажува знаци на депресија, нарцизам и има суицидни тенденции.

ДГСИ го набљудувал човекот од 2015 година, откако се зближил со радикалното џихадистичко движење. Полицијата одлучила да го уапси набргу откако тој пројавил интерес да набави оружје, па неговиот заговор не стигнал до конкретна фаза на планирање.

Претходно годинава во градот Енгерс исламист беше уапсен откако се обидел да нарача автоматско оружје по пошта. Не е познато дали огненото оружје било набавено во врска со терористички заговор.

Треба да знаете
Последни објави