Министерката за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, во центарот на Брисел претстави мурал посветен на врските на Западен Балкан и ЕУ.
„Ова уметничко дело е прекрасен подарок за Брисел и го доведува Балканот таму каде што припаѓа – во срцето на Европа”, рече Могерини.
Федерика Могерини претставувајќи го муралот со наслов „Само со срцето добро се гледа“, дело на босанскиот уметник Рикардо Друшкиќ, оцени дека ова дело на уметноста, кое се наоѓа во центарот на Брисел, во близина на историски Гранд плаза, ќе биде важен потсетник за граѓаните и институциите на ЕУ да се заврши процесот на обединување на европскиот континент.
„Кога станува збор за Западен Балкан, ние не го воведуваме во Европа. Тој веќе се наоѓа во историското, географското и културното средиште на Европа. Сега е на нас во ЕУ и земјите од Западен Балкан да го воведат целиот Балкан во ЕУ. Ова е следниот чекор“, рече Могерини.
Високата претставничка оцени дека за време на нејзиниот мандат од четири и пол години како шефица на дипломатија на Европската Унија дојде до приближување на секој од шесте партнери во Западен Балкан.
„Верувам дека ќе бидеме во можност да ги искористиме преостанатите 7 месеци колку што има до крајот на мандатот на оваа Комисија да направиме неповратни чекори за секој од вас на патот кон ЕУ”, заклучи Могерини.
Европската комисија изјави дека новиот мурал, кој се појави на улиците на Брисел е посветен на луѓето од Западен Балкан и ЕУ и нивните длабоки културни врски.
Авторот на делото, Рикардо Друшкиќ, вели дека тоа за него е можност да се претстави себеси, но и земјата и регионот од каде што доаѓа во „поинаква, поубава и позитивна светлина”.
Муралот е финансиран од ЕУ, градот Брисел и традиционалниот бриселски фестивал на балканската култура Балкан трафик. Тој е дел од Неделата на култура на ЕУ за Западен Балкан, организирана од Европската служба за надворешни работи за одбележување на заеднички европски идентитет и културните односи меѓу ЕУ и сите земји од Западен Балкан.



