Масовниот убиец од Крајстчерч на психијатриско вештачење

Новозеландскиот суд нареди психијатриска експертиза на екстремистот, кој во нападот на двете џамии во Крајстчерч уби 50 луѓе. Австралиецот Брентон Тарант (28), кој беше уапсен набрзо по нападот, ќе биде прегледан од двајца експерти, изјавил судијата Камерон Мандер, за време на краткото сослушување во Крајстчерч, каде Тарант се товари за убиство на 50 и обид за убиство на уште 39 луѓе.

Тарант не бил присутен на сослушувањето, туку го следел преку видеолинк од затворот во Оукланд, каде што се наоѓа во изолација. Тој ништо не рекол за време на сослушувањето.

Судот не го прашал дали се изјаснува како виновен или не. По налог на судот, на медиумите не им беше дозволено да го снимаат или да го фотографираат обвинетиот. На првото сослушување Тарант изгледал рамнодушно, а кога влегол во судницата со раката направил знак на белите супрематисти.

Властите на Нов Зеланд соопштија дека 24 луѓе сè уште се хоспитализирани поради повредите од нападот.

Треба да знаете
Последни објави