Неодамна донесениот закон во Франција за борба против пропагандата и дезинформациите беше употребен од страна на „Твитер„ против политичката кампања на француската влада за зголемување на регистрацијата на гласачите пред претстојните избори за Европскиот парламент закажани за 26 мај, пренесува „Бреитбарт“.
Во декември Франција усвои закон со кој се бара политичките кампањи на интернет да ги обелоденат своите донатори. Француската држава го опишува законот како борба против манипулацијата со информации.
Француската владина информативна служба бараше да купи промотивни услуги на „Твитер„ за кампањата #OuiJeVote (Да, јас гласам). Оттаму изјавија:
„’Твитер’ не знае како да го направи тоа денес, па одлучи да има целосно строга политика со која се прекинува секоја т.н. политичка кампања”.
Француската влада негира каква било партиска политичка димензија на своите напори за регистрација на гласачите, дополнително отфрлајќи ја карактеризацијата на „Твитер“ на операцијата како политичка кампања. „Гизмондо“ објави дека „Твитер“ не знае како да ги инкорпорира на својата платформа потребните информации за обелоденување во согласност со францускиот закон. Така, наместо да се спротивстави на законот, Твитер одлучи целосно да се откаже од француските политички кампањи.
Неколку француски владини претставници го критикуваа Твитер за тоа што не успеал да ги испочитува барањата на владата. „Твитер“ бара сите рекламни политички кампањи во Европа да поминат низ нивниот процес на сертификација за одобрување.