Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Зоран Китанов потсети дека тендерската постапка за експресниот пат пат беше одобрена пред две години, но оти Светска банка не дозволуваше да почне изградбата поради нерешените имотно-правни односи. – Имаше само околу петнаесет отсто експропријација, по што, со дополнителниот рок кој го побаравме, успеавме за околу пет месеци, до април, да достигнеме околу 92 отсто експропријација, благодарение на заложбите и на ЈП Државни патишта, Министерството, локални самоуправи, катастар и други служби. Така, во пролетниот дел отпочнаа активностите, а до денес речиси е достигната 99 отсто експропријација и изведувачите работат со максимален интензитет. Дополнително, направени се нови динамички планови и од нивна страна. Сега се работат најбавните, најкабастите работи, се основаат и подигнуваат вијадуктите, по што ќе тече побрзо работата. Се на се, задоволни сме од динамиката, професионалноста и одговорноста на сите инволвирани, информира Китанов.
Тековно се работи на патот Куманово –Крива Паланка, годинава, според најавите од Китанов, ќе почне рехабилитација на патот Куманово-Страцин, ќе се врши рехабилитација на патот Ранковце-Крива Паланка, со должина од 21 километар и вкупна вредност од 2,6 милиони евра.
Во реонот на Крива Паланка планирана е рехабилитација на регионален пат спој на магистралата А2 , село Луке- Киселица- село Добровница. Оваа активност ќе се спроведе преку Јавно претпријатие „Македонија пат”. Патот е со должина од осум километри, а вредноста е 293 илјади евра. Градежните активности ќе почнат во септември 2019 година.
-Очекувам и верувам годинава да ја завршиме како што јас и министерот си земавме за обврска, оваа година да реконструираме и рехабилитираме 600 километри патишта во државата, без овие што се градат, експресни патни правци. Говорам за рехабилитација , опфатени се голем број региони, така што верувам дека нема да има пат што не ќе биде реконструиран. Понатаму, останува одговорноста, наша и граѓанска, одржувањето на тие патишта, додаде Китанов.
Министерството за транспорт и ЈПДП планираат и доградба на една лента на делницата Крива Паланка – Деве Баир, граничен премин со Република Бугарија, со должина од тринаесет километри, во вредност од 12 милиони евра. Проектната документација е комплетирана и во моментов се изработува тендерска документација. Планирано е градежните работи да отпочнат во вториот квартал на 2019 година, со рок за завршување од две години.