Бектеши на првиот Балкански форум: Имаме шанса со заедничка соработка да ја смениме економската иднина на регионот

Министерот за економија, Крешник Бектеши, се обрати на Балканскиот форум за инфраструктура, развојни мрежи и за промоција на претприемништво и иновации, кој се одржува во Солун, во организација на грчкото Министерство за Македонија и Тракија.

Тој истакна дека ваквиот прв Балкански форум е собир на креатори на политиките на балканските земји со цел да направат Балканот да биде регион кој нуди позитивни можности.

„Ние имаме шанса да ја смениме иднината на овој регион – треба само да ја зграпчиме и да работиме на нашата заедничка агенда“, истакна Бектеши.

Осврнувајќи се на скорешната посета на грчката државна делегација, предводена од премиерот Ципрас, а придружена со претставници од бизнис секторот во нашата држава, министерот ги спомена правците на соработка и заедничките проекти договорени на седницата на Високиот Совет за соработка помеѓу меѓу двете земји.

Бектеши го претстави пред присутните Планот за економски раст и Законот за поттикнување на инвестиции, со кои, како што рече, за првпат е овозможен еднаков третман за сите инвеститори – домашни и странски и ги покани компаниите од земјите присутни на Форумот да инвестираат во земјава и да го почувствуваат ефектот од донесените мерки.

Форумот го отвори заменик министерката за Македонија и Тракија, Елефтерија Хаѕигеоргиу, а вицепремиерот на грчката Влада, Јанис Драгасакис, се осврна на можностите и перспективите на балканската соработка.

На панелот се обратија и заменик министерот за економија и развој на Република Грција, Астериос Питсиорлас и заменик министерот на Романија, Богдан Константин Андроник.

Треба да знаете
Последни објави