Предизвиците со кои се соочува бизнис секторот, владините мерки и политики за поддршка на бизнисот, инвестициските можности што ги нуди нашата земја и актуелните проблеми на кои посочуваат компаниите во вршењето на дејноста на деловните субјекти, како и начините на нивно решавање беа тема наразговор на денешната работна средба на Стопанската комора на северо-западна Македонија (СКСЗМ) со премиерот Зоран Заев и министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство и за образование и наука, Љупчо Николовски и Арбер Адеми.
Премиерот Заев, информираат од СКСЗМ, во своето обраќање даде осврт кон економскиот амбиент во земјата и новите перспективи и инвестициски можности што се отвораат пред компаниите со членството во НАТО и започнувањето на преговорите со ЕУ, но и преку мерките за поддршка од економски политики кои значително го поддржуваат растот и развојот на конкурентноста на домашните компании.
Претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа порача дека јавно – приватниот дијалог што е воспоставен со Владата на Република Северна Македонија е важен за унапредување на соработката и за изнаоѓање на заеднички решенија кои ќе бидат во интерес на компаниите и на граѓаните на Северна Македонија.
Сите претставници од СКСЗМ имаа можност да постават прашања за теми што се од интерес на бизнис заедницата и за надминување на одредени состојби. Во рамки на оваа работна средба беа потврдени заложбите од двете страни за взаемна поддршка и соработка која ќе биде во функција на интензивирање на економскиот раст на земјата како важна цел за раст на приватниот сектор и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.