Кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова вечерва се обрати пред граѓаните во Битола. На митингот таа ја искоментира посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас кој што пред неколку дена беше во земјава и беше пречекан без интонирање на македонската химна.
„Химната е државата. Државата е химната, химната е македонската историја, химната повикува на македонските правдини и судбина ни било да се бориме за неа“, рече Силјановска Давкова.
Таа се осврна и на пресудите за настаните од 27 април додавајќи дека во Македонија има селективна правда и дека со таква правда не се стигнува до ЕУ и НАТО.
„Тие со нивниот закон за амнестија, ги амнестираа оние кои имаа исти обвиненија како луѓето кои останаа во затвор. Не само што ги ослободија од притвор, замислете за да можат да гласаат туку целосно ги ослободија, а потоа и ги наградија. Тоа ли е право и правда. Тие така мислат, но јас мислам дека до било која цел, па и до ЕУ и до НАТО не се стигнува со кршење на правото“, порача кандидатката за претседател.
Силјановска Давкова кажа дека доколку биде избрана за претседателка на Република Македонија ќе побара укинување на привилегиите на претседателот, односно како што рече, не е добро да се биде привилегиран кога народот се бори за опстанок.
Таа потсети и на изјавите на премиерот Заев дека доколку Стево Пендаровски ги изгуби претседателските избори, тој ќе распише предвремени парламентарни избори.
„Доколку ги изгубат претседателските избори, се надевам дека ќе собере сила и храброст еднаш за да можеме ние да кажеме дека овој пат го одржа зборот и реши да се одважи и да распише предвремени парламентарни избори и дека тогаш на претседателската успешна приказна ќе се надоврзе и една нова влада, на нова програма, на научени лекции, на нови европски чекори кои ќе значат почитување на владеењето на правото, борба со корупцијата и криминалот, развој во економијата“, нагласи Силјановска Давкова пред битолчани и повика на масовна поддршка ветувајќи дека ќе ја врати правдата во Република Македонија.