Германската компанија „Фолксваген“ започна со тестирање на своите прототип модели на автономни возила по улиците на Хамбург.
„Станува збор за првото тестирање на автономни возила во голем германски град, кое ќе и помогне на компанијата во текот на истражувачките проекти поврзани со автономното возење“, се наведува во соопштението на „Фолксваген“, кое го пренесува порталот digitaltrends.com.
Како што е наведено, по улиците на Хамбург се движат пет електрични „голфови“ (e-Golf), опремени со системи за самоуправување.
Системот има 14 камери, 11 ласерски скенери и седум радари, а за една минута возење обработува околу 5 гигабајти податоци, поради што еден автомобил располага со хардвер со моќност колку 15 просечни компјутери, пренесува агенцијата „Танјуг“.
За тестирањето на возилата се користи делница долга три километри, која е дел од подолг правец со должина од 9 километри што следната година ќе биде комплетно отворен за тест возења.