Заев во интервју за ТВ ТЕРА: Го исполнуваме ветувањето дадено на битолчани

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во интервју а ТВ Тера зборуваше за владините политики и перспективите коишто се отвораат за граѓаните и државата, за меѓународната политика, а пред сè, се задржа на спроведувањето на политики кои се однесуваат на градот Битола и битолчани.

„Донесовме одлука на Влада заработката на ЕД ЕСМ Електрани на Северна Македонија да биде  реинвестирана во енергетските објекти. Во РЕК Битола започна постапката за набавка и инсталација на електростатските филтри, инвестиција вредна 20.4 милиони евра. Тоа е најголемиот еколошки проект во кој државата со сопствени пари инвестира во екологијата. Го ветивме тоа на битолчани. Целта е од 100 единици честички да паднат на 20, како што кажуваат стручните луѓе“, истакна премиерот Заев во интервјуто за ТВ Тера.

Премиерот Заев потенцираше дека со парите од нето добивката што ги остварува РЕК Битола и АД ЕСМ ќе се инвестира и во самите капацитети, во нови ископи, во редовните ремонти, во обновување на целата опрема.

„Завршивме со продукција на струја од трите блока кои работат од ноември. Целиот зимски период го покривме и тоа претставува еден нов квалитет. Првиот квартал се надминати сите параметри односно имаме 105% остварување на производството на електрична енергија. Тоа е важно за граѓаните бидејќи на крај тоа осигурува стабилна цена на струјата и стабилна испорака. Минатата година имаме продажба на електрична енергија за извоз од околу 21 милион евра, а во првиот квартал околу 2.4 милиони евра извоз“, нагласи премиерот Заев.

На прашањето дали се случуваат испади на блоковите во РЕК Битола, премиерот Заев одговори дека во минатото 8 години не биле направени генерални ремонти што претставува обврска на секои 3 години и како резултат на таквото неодговорно раководење се случувале испадите и дефектите, додека денеска се почитуваат стандардите и затоа не се случуваат испади на блоковите.

„Оваа есен ќе почне да се гради системот за топлинска енергија кон Битола, Новаци и Могила, проект на KFW Банката, како што паралелно го носиме и гасот. Тоа е добро, ќе има конкурентност и граѓаните ќе можат да изберат што е подобро и поевтино. Битолчани ја имаат таа придобивка бидејќи го имаат РЕК Битола“, рече премиерот Заев .

Во текот на интервјуто за ТВ Тера, Претседателот на Владата на РСМ Заев одговараше и на повеќе други прашања, при што посебно внимание беше посветено на придобивките од скорешното членство ви НАТО и од очекуваното потврдување на датумот за отворање на поглавјата за членство во ЕУ.

„Единаесет земји до сега го ратификуваа протоколот. Јас верувам дека е возможно до крајот на годината да се стигне и да станеме 30-та земја членка со полноправно членство во НАТО. Јуни е исправен пред нас и економските параметри почнаа да се движат нагоре. Тоа се случувало во сите земји кога станувале членки во НАТО и отворале поглавја за преговори. 624 милиони странски директни инвестиции се рекордни, за два пати повеќе од било која претходна година, од самостојноста до сега, од најдобрата 2011 на пример, или 2012,2013 и 2014 заедно. Индустриското производство оваа година во јануари порасна за 12%. Само во февруари имаме раст од 7.3%. Само овие два параметри покажуваат 1.2% пораст на БДП, и тоа ми дава за право да очекувам над 4% во првиот квартал. Увозот и извозот од ТИРЗ се пораснати, едниот за 26%, другиот за 29% и тоа значи дека целокупната продукција е зголемена. Домашното производство на услуги и производи расте. Тоа ќе значи дополнителна побарувачка за работни места којашто ќе предизвика повисоки плати“, истакна премиерот Заев во синоќешното интервју за битолската ТВ ТЕРА.

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави