Во Градскиот парк во Скопје, кај Школка, денеска се одржа Отворен ден на армијата за граѓаните, организиран по повод „Неделата на НАТО”, 70 – годишнината од основањето на Алијансата и напредокот на Република Северна Македонија кон членство во НАТО.
На отворениот ден присуствуваа вицепремиерот и министер за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски и припадниците на Полкот за специјални операции, кои пред граѓаните прикажаа дел од своите боречки вештини. Гардистите се претставија со точката Егзерцир, а воениот оркестар изведе неколку композиции. Своите вештини ги претставија и припадниците на Единицата за специјални задачи на МВР, а хеликоптер на Армијата изврши прелет над Градскиот парк. Настап имаа и децата од здружението „Трисомија 21″.
Шекеринска изјави дека денешната активност е за да испратат порака дека се подготвени за да се стане 30-та земја-членка на НАТО.
– Зад нас беше тежок процес, беше потребно многу трпение, многу енергија. Меѓутоа, денеска и оваа година можеме да кажеме дека како држава успеавме. Со ваквите настани, со контактот и со граѓаните покажуваме дека сето ова што го правиме, сме го направиле граѓаните да се чувствуваат побезбедни и за да има повеќе шанси нашата земја. Армијата, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана покажаа дека имаат и активности што ќе можат да ги споделат со јавноста вчера и денес, рече Шекеринска.
Беа прогласени и трите најдобри есеи на тема „НАТО и ТИ”. Средношколките Валона Абдулаху, Петрина Станковска и Мима Војновска се наградени со студиско патување во седиштето на Алијансата во Брисел. Прогласени беа и тројцата прворангирани од трките на пет и на три километри како дел од вчерашната НАТО – атлетска трка. Шестмината најдобри беа наградени со учество на меѓународниот маратон во Будимпешта.
На посебни штандови, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски” ги претстави своите програми и можностите за студирање на Академијата, а граѓаните ќе можат да земат примерок од магазинот на Министерството за одбрана, „Штит”.