(Видео) Ѓорчев: Македонија умира, бројот на бебиња во јануари е намален за невидени 20 проценти

Месечниот статистички билтен на Заводoт за статистика на Република Македонија изнесе фрапантен, загрижувачки податок, за пад од 19 проценти на родените бебиња во Македонија во месец јануари во однос на истиот месец претходната година, истакна на прес-конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев.

Како што кажа тој, според податоците, во јануари 2018 година биле родени 1.861 бебе, а во истиот месец годинава 1.512 бебиња.

„Падот заокружено е од 1.900 бебиња на 1.500 бебиња. Станува збор за невиден досега фрапантен пад во бројот на родени деца во Македонија во една година од 20 проценти. Ако ова не е загрижувачки, тогаш не знам што е. Овие податоци зборуваат и кажуваат дека Македонија умира, дека Македонија исто така исчезнува. Дека стануваме држава и земја без народ“, рече Ѓорчев.

Тој ги повика Заев, Пендаровски и Мила Царовска да го кажат своето мислење за овие теми.

„Потребна е итна седница на Влада, затоа што кога ќе се појави и кога има демографска рецесија од речиси 20% во една година тогаш тоа е знак за узбуна. Тоа е знак за тревога. Тоа значи дека нешто и тоа како не е во ред во државата, а гледаме дека никој со прст не мрднува. Гледаме дека Мила Царовска секој ден дава изјави, секој ден се слика, исто така и Зоран Заев, исто така и Стево Пендаровски“, посочи членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Ѓорчев на прес-конференцијата кажа и дека согласно прелиминарните податоци кои што конечни и ревидирани ќе бидат изнесени во месец јуни, 2018 година е најлоша демографска година во историјата на Македонија.

Треба да знаете
Последни објави