Имам на џамијата „Ал Нур”: Нападите на Нов Зеланд беа нов 11 септември

Минатомесечните напади врз џамиите „Ал Нур” и „Линвуд” во новозеландскиот град Крајстчрч беа „нов 11 септември”, изјави имамот Гамал Фуда.

Фуда, кој е имам на џамијата „Ал Нур”, оцени дека одекот во светот од нападите во Крајстчрч, бил ист како и оној по нападите во Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001 година.

Во нападите во Крајстчрч што се случија на 15 март, кога екстремен десничар пукаше врз верниците во двете џамии за време на молитва, загинаа најмалку 50 лица.

– Нападите во Крајстчрч ги нарекувам втор 11 септември. Тие ќе бидат пресвртница за промени во светот, истакна имамот Фуда, додавајќи дека терористичките напади врз џамиите биле „стравичен чин и трагедија, кои децата во Крајстчрч вечно ќе ги помнат”.

Тој ги осуди сите оние кои, според него, извршителот на нападите одбивале да го наречат терорист.

– Доколку напаѓачот беше муслиман, верувале или не, дури и сите муслимани ќе го наречеа терорист. Но, кога такво нешто ќе стори немуслиман, тогаш некои одбегнуваат да ја користат таа квалификација. Тие не го прават тоа поради нивните политички агенди, но уверен сум дека длабоко во своите срца сите знаат дека се работи за терорист, додаде Фуда.

Имамот посочи дека тероризмот „нема религија, вера, јазик или раса”, при што го нагласи значењето на медиумите во борбата против оваа појава како глобална закана.

– Едноставно мораме да застанеме и размислиме. Криминалците мораат да бидат етикетирани како криминалци, а терористите како терористи и тоа е тоа, заклучи имамот Фудa.

 

Треба да знаете
Последни објави