УНИЦЕФ: Речиси 41.000 деца не посетуваат предучилишно образование

Во Северна Македонија каде што речиси 41.000 деца, околу 61 отсто од децата на предучилишна возраст (од 3 до 6 години), не посетуваат предучилишно образование, Владата се посвети на реформи за подобрување на пристапот и квалитетот на предучилишното образование.

Ова се вели во новиот глобален извештај на УНИЦЕФ, каде се нагласува дека 176 милиони деца во светот на предучилишна возраст не посетуваат предучилишно образование. УНИЦЕФ ги повикува владите од целиот свет да ги зголемат инвестициите за да обезбедат најдобар почеток во животот за секое дете.

Во извештајот се наведува дека е неопходно да се даде приоритет на квалитетно образование во раното детство.

Првиот глобален извештај за предучилишно образование на УНИЦЕФ открива дека децата кои посетувале барем една година предучилишно образование имаат поголеми шанси да ги развијат способностите за критичко мислење кои им се потребни за да успеат на училиште, помала веројатност да повторуваат одделенија или да го напуштат образованието, а со тоа кога ќе пораснат имаат поголема способност да придонесат кон просперитетни општества и економии.

Во глобалниот извештај се нагласува дека децата кои посетуваат предучилишно образование имаат двојно поголема веројатност да ги совладаат вештините на почетно читање и сметање во споредба со децата кои ги испуштиле раните фази на образованието. Во земји каде што поголем број деца посетуваат програми за предучилишна возраст, значително поголем број деца завршуваат основно училиште и по завршувањето имаат базични компетенции за читање и математика. И други студии го потврдуваат ова, како што се меѓународните тестови меѓу кои е Програмата за меѓународно оценување на постигањата на учениците  (PISA) која покажува дека децата од нашата земја кои посетувале предучилишно образование имаат подобри резултати од оние коишто не посетувале.

-УНИЦЕФ ја поддржува Владата на Северна Македонија да го зголеми опфатот во квалитетно предучилишно образование преку отварање нови центри за ран детски развој и подобрена поддршка во учењето. Ова опфаќа поддршка за развој на професионалните компетенции на наставниците во предучилишното образование; изготвување национална платформа за поддршка на наставниците и пристап до ресурси за поттик на детскиот развој, како и воведување национална програма за социјален и емотивен развој на децата на предучилишна возраст која ќе помогне децата да се здобијат со цврста емотивна основа и капацитет подобро да се справуваат со секојдневните социјални интеракции подоцна во животот, се наведува во извештајот на УНИЦЕФ.

Во глобалниот извештај, УНИЦЕФ ги повикува владите да го поврзат зголемувањето на опфатот со подобрување на квалитетот на предучилишното образование.

За да се оствари тоа, УНИЦЕФ ги повикува владите да обезбедат најмалку 25 отсто од редовниот буџет за предучилишно образование за трошоци кои не се поврзани со плати како што се обука на едукаторите и наставниците, изготвување наставен план, материјали за предавање и учење и мехаизми за обезбедување квалитет на наставата

Треба да знаете
Последни објави