Во Домот на културата во Македонска Каменица почна инсталирањето опрема за дигитални кинопроекции вредна околу 60.000 евра, обезбедени преку ИПА 2 Програмата за прекугранична соработка со бугарската општина Белица.
Градоначалничката Соња Стаменкова истакна дека проектот е продолжение на соработката меѓу двете општини почната пред речиси една деценија.
-Како дел од оваа набавка е вклучен професионален кинопроектор, платно на кое може да се проектираат филмови, екран за надворешна употреба, девет персонални компјутери и два лаптопа, рече Стаменкова.
Во рамки на претходниот проект од оваа програма кој, исто така, се спроведе како дел од заедничката соработка со бугарската општина Белица, преку Светска банка беа обезбедени дел од средствата за реконструкција на зградата на Домот на култура во Македонска Каменица.