Забелешките за праисторијата, антиката и средниот век ќе ги усогласуваат македонските и бугарските историчари на состанокот во Софија

Праисторијата, антиката и средниот век се историските периоди за кои денеска и утре  во Софија ќе разговараат членовите на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија. Тие ќе се обидат да најдат заедничко прифатливо решение за меѓусебните забелешки што ги имаат за учебниците и во едната и во другата земја за овие историски периоди, да ги приближат ставовите и да илезат со одредени прелиминарни препораки, кои би можело во финална форма да бидат усвоени на следниот состанок на почетокот на јуни, а потоа и да бидат дадени како препораки до двете влади.

Директорот на Институтот за национална историја, Драги Ѓоргиев, кој го предводи македонскиот тим историчари во разговорите со бугарската страна во изјава за МИА вели дека денеска и утре ќе бидат разгледани забелешките што ние ги имаме во однос на бугарските учебници за петто и шестто одделение и забелешките што ги има бугарската страна за македонските учебници за шестто и седмо одделение за споменатите историски периоди.

Двете страни веќе имаат разменето забелешки за овие периоди од историјата во однос на тоа како се претставени во учебниците во двете земји, а на состанокот во Софија ќе дискутираат за тие забелешки и ќе разменат идеи за подобрување на текстовите.

Како проблематично и за едната и за другата страна се јавува, како што појаснува Ѓоргиев, на пример картографското претставување на одредени територии во праисторијата, во антиката и средниот век.

-И во нашите и во бугарските учебници има рефлексија на 19-вековните и 20-вековните претстави на националните држави, кои се рефлектираат далеку во праисторијата, во антиката. Има национализација на одредени процеси во антиката, во средниот век, национализација во современа смисла од денешен аспект, давање на национален карактер на некои процеси кои се случувале пред 2000 години и повеќе. Идејата е да се избегне тоа за нешто што се случувало во далечното минато и да се тргнат навредливите теми, кои и едната и другата страна ги смета за навредливи и за несоодветни во учебниците по историја, со кои не треба да се воспитуваат идните генерации, истакна Ѓоргиев за МИА.

Нагласи дека на петтиот состанок се очекува да се усвојат прелиминарни препораки, кои доколку бидат усогласени на владите на двете земји би им биле доставени по следниот состанок, што се очекува да се одржи на почетокот на јуни.

Во текот на разговорите историчарите и експертите од двете земји настојуваат сите забелешки да бидат надминати од еден академски и професионален аспект, колку што е можно да се избегне политиката.

-Настојуваме решенијата да биде од академски аспект, тој да биде што е можно повеќе застапен, неминовно политичката димензија во овие комисии е присутна, тоа не можеме да го негираме, но и двете страни настојуваат што повеќе одлуките што го носиме, препораките што ќе им ги дадеме до владите, сите усогласени текстови, евентуалните заеднички чествувања да бидат изградени на академски основи, без можност потоа од политички аспект да бидат напаѓани, па дури и урнати, вели Ѓоргиев за МИА и додава дека во однос на ова постои апсолутна усогласеност од сите членови на Комисијата.

Комисијата е формирана на паритетна основа за решавање на историските и образовни отворени прашања, согласно членот 8 став 2 од Договорот за добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, кој беше потпишан на 2 август 2017 година. Работата на комисијата претставува дијалог во кој треба да се чујат гледиштата на двете страни, кои взаемно си укажуваат каде е потребно да има подетално и послоевито објаснување во учебниците по историја, а евентуалните препораки од комисијата се со единствена цел за подобрување на квалитетот на учебниците и регионалното помирување и разбирање, а не „бришење” на националната историја. Толкувањето на историјата, како и пишувањето на учебниците по историја, секогаш ќе останат одговорност на самите истражувачи и автори.

Во своето работење Комисијата поаѓа од тоа дека не може да се игнорираме заедничката историја, ниту споделените истории, настани и личности и оти во историјата сите процеси, настани и личности не се исклучиви и ексклузивни. Тие не се одвивале на некој остров изолиран од развојот на други процеси и истории, напротив, процесите и историските развои се инклузивни и настануваат како резултат на преплетувања, вмрежувања, размени и контакти.

Ѓоргиев додава дека целта на ваквите комисии била, и се уште е, историчарите, најчесто од две земји, да работат на ревидирање на учебниците по историја коишто се употребуваат во наставата во конкретните држави, со цел да се елиминираат ставови и искази засновани на националистички и шовинистички предрасуди.

Комисијата има по седум членови од двете држави, претседател од македонска страна е Ѓоргиев, а од бугарска Ангел Димитров – првиот бугарски амбасадор во земјава.

Ана Цветковска

2019-04-10 07:31:13, од Ана Цветковска
Треба да знаете
Последни објави