Работната посета на министерот за надворешни работи Никола Димитров на Берлин продолжи со средби (вчера, 9 април) во Канцеларијата на бундесканцеларката Меркел, со главниот советник за надворешна политика Јан Хекер, и заменикот главен советник за европски прашања, Франц Ноједер.
На средбите се разговараше за актуелностите и претстојните чекори во процесот на нашата натамошна интеграција во ЕУ. Од страна на соговорниците беше поздрaвен успехот што Република Северна Македонија го постигна во делот на реформите и добрососедските односи и, во таа смисла, беше потврдена јасната поддршка за соодветно препознавање на направеното и отварање на следното поглавје на патот кон Европската унија.
Во рамки на посетата, денес (среда, 10 април 2019 год.), заедно со заменик претседателот на Владата, Бујар Османи, продолжија активностите во Бундестагот со средба со пратеникот на ЦДУ/ЦСУ, Јохан Вадефул. Во фокус на разговорот беа текот на домашните реформи и резултатите во делот на добрососедските односи и соработка преку договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот договор и претстојните чекори во процесот на европската интеграција, како и улогата и поддршката на Бундестагот во овој контекст. Притоа, од страна на пратеникот Вадефул беше поздравен постигнатиот напредок и повторена поддршката за натамошно напредување во евроинтегративниот процес.