Меѓународниот одбор за фудбал, органот на ФИФА задолжен за корекција на постоечките и воведување на нови правила, на последната седница променил дури десет правила.
Тие правила ќе почнат да важат во сезоната 2019/2020.
Изменети се правилата 8 и 9 кои се однесуваат на спуштањето на топката и кои предвидуваат дека ако играта е сопрена во шестнаесетникот, судијата ја спушта топката кај голманот, а ако сопрена надвор од шестнаесетникот, судијата ја спушта топката кај еден играч.
Ако во “живиот ѕид” стојат тројца или повеќе дефанзивци, играчот на екипата која напаѓа не смее да им биде поблиску од метар, а ако е поблиску од метар, се суди индирект во корист на тимот кој се брани.
Едно од правилата се однесува на јавна опомена поради нелегална прослава на погодок и таа во иднина ќе биде на сила дури и ако погодокот е поништен.
Според едно од правилата, топката е во игра кога ќе се изведе ударот, не мора повеќе да го напушти шестнаесетникот за да се смета дека е во игра, а намерното играње со рака и натаму се смета за прекршок.
На почетокот на натпреварот, според новите правила, тимот кој при фрлањето на паричката победи, во иднина може да избере дали прв ќе ја има топката, или кон кој гол ќе напаѓа.
Една од новините е и тоа што ќе постојат различни термини за медицински прекин на натпреварот, па така се воведува прекин за разладување на фудбалерите од 90 секунди до три минути или прекин за рехидрација, кој може да трае најмногу една минута.
На играчите им се дозволени повеќебојни маици ако се во истите бои како ракавите на самиот дрес, а уште едно од новите правила се однесува на тоа ако судијата се подготвува да покаже жолт или црвен картон, а екипата во чија корист е досуден прекршокот изведува брз слободен удар за да создаде шанса за гол, судијата смее да го одложи покажувањето на картонот до следниот прекин на играта.
Заменетиот играч мора да го напушти теренот кај најблиската точка на аут или гол линијата од местото на кое се наоѓа, а се воведува и правилото дека фудбалерот на екипата кој е виновен за неприфатливо однесување може да добие и црвен картон.