Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред жителите на Бутел порача дека сите граѓани на претседателските избори ќе кажат огромно „да“ за професорката Гордана Сиљановска-Давкова.
Мицкоски пред присутните му се обрати на Заев и го предупреди дека македонскиот ураган ќе ја издува неговата „киша око Крагујевац“.
„Зоран Заев најпрво кажа дека доколку неговиот деспотски избран кандидат за претседател ги загуби овие избори, ќе распише предвремени парламентарни избори, а потоа го гледаме на едно интервју на локална телевизија каде вели дека немал такви намери и не бил добро сфатен за конечно да каже дека СДСМ и сега би распишале предвремени парламентарни избори, но бидејќи ќе нѐ згазеле затоа не ги распишале. Е па, господине Заев пред некој ден овде во Бутел беше Стево, па може да се спореди, како си поминавте со Стево и каква е оваа слика, во овој победнички Бутел. Па вие донесете заклучок дали ќе нѐ згазите или ќе бидете згазени, такашто ќе видите како македонскиот ураган ќе ја издува вашата ‘киша око Крагујевац’“, кажа лидерот на опозициската партија.
Тој пред граѓаните истакна дека неправди има на секој чекор и потсети дека СДСМ и врхушката на СДСМ на скопјани им ветувале чист алпски воздух со цел, како што кажа, само за да дојдат до тие пусти пари и фотелји.
„Неправда е кога Зоран Заев како опозиционер ќе нè убедува дека неговата жица ќе се колне во децата, ќе се колне во дедовината и татковината дека нема да го избрише идентитетот, а првиот момент кога ќе има можност единственото нешто што ќе го направи во овие две години е токму тоа – бришење на идентитетот, бришење на нашиот корен. Но, господине Заев овие луѓе овде и секаде низ Македонија се како пиреј и ти ги потцени, но тоа што ги потцени ќе го видиш на 21 април, а потоа и 5 мај“, нагласи Мицкоски.