Мицкоски од Карпош: Доста е од насмеани политичари во фракови и лептир машни на балови по Европа

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска им се обрати на граѓаните во Карпош.

Тој истакна дека карпошани како и сите граѓани на Република Македонија ќе ја одберат првата жена претседател на Република Македонија, професорката Гордана Силјановска Давкова.

-Доста е од политичари кои што се  насмеани дотерани во фракови и лептир машни, газат дебели црвени персијанци на балови по Европа. Ќе гледате уморни и ненаспани политичари кои што наместо проектите да ги чуваат во канцеларија, а инспекторите под мишка да ги носат на лице место со народот, ние ќе бидеме политичари кои што ќе бидат уморни, ненаспани и здодевни со проектите под мишка тука помеѓу народот. И заедно со народот ќе ја градиме иднината на оваа земја.  Ова  е нашата историска улога, вели Мицкоски.

Mицкоски посочи дека нема да ветува многу како што тоа го правеле некој до сега, но тоа што ќе го вети, тоа и ќе го оствари.

-Нас не ни требаат ниту жолтици, ниту бели дворци, ниту слава и моќ, ниту пак ни треба кругче со Мајбахот на Трајче, нас ни треба добар збор од нашите сограѓани, да речат фала богу дојдоа чеснити луѓе, чиј што збор тежи. Тоа што го кажуваат, тоа и го спроведуваат. А јас се заветувам овде, од мојот Карпош, родниот Карпош дека тоа што ќе го кажеме, тоа и ќе го направиме, додаде тој.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека заврши времето на  политичари како Стево Пендаровски и Зоран Заев, и доаѓа времето на честити луѓе кој ќе ја водат државата.

-Вие сакате да чекорите во Европа за да се богатите, а ние сакаме да чекориме заедно со богата држава и богати граѓани, тоа е разликата помеѓу нас и вас. Вие би се откажале од сето минато, историја и традиција затоа што тие за вас се сидро кое што не ви дава да одите напред. А за нас и историјата, и традицијата и културата се наше едро во кое што дува ветер и силно сакаме да чекориме кон вистинска, честита и достоинствена иднина, посочи Мицкоски.

Тој истакна дека Зоран Заев и луѓето околу него имаат проблем самите со себе, а граѓаните на Република Македонија имаат проблем со нив, проблем кој ќе го решат на престојните претседателски избори и на предвремените парламентарни избори.

-Вие господа од СДСМ имате проблем со самите себе, а ние и граѓаните на Република Македонија имаме проблем со вас, но тој проблем ќе го решиме на 21 април, а потоа и на 5 мај. По тој 5 мај потоа следуваат предвремени парламентарни избори не дека му верувам на Зоран Заев, не дека верувам во неговиот збори. Тој не е честит збор, туку затоа што народот има таква енергија која што ќе предизвика предвремени парламентарни избори. Затоа што на народот доста му е од понижувања, омаловажувања и виткање кичма. Овој народ сака повторно да биде горд, достоинствен со исправена глава и да чекори храбро кон идината, додаде Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ забележа дека многу работи во минатото не биле фер, но сега е потребна обединетост и сплотеност за поразување на Заевизмот, за поразување на принципот, кажувам, заборавам, негирам.

Нашиот сон за Македонија е велик и затоа кога ни велат дека е невозможно кога не обесхрабруваат кога ни велат дека се е готово се е завршено, тоа треба да не мотивира да продолжиме да се бориме, да се бориме и да го сонуваме нашиот сон за Македонија, за да стане еден јаве. И во таа борба нема да победат ниту побројните, ниту помоќните, туку ќе победат оние што се мотивирани и храбри, но вечерва на овој пролетен дожд гледам многу такви луѓе, мотивирани и храбри кој што сакаат да победат. Затоа ве повикувам браќа и сестри на 21 заедно да ја прославиме победата Гордана, на борецот за македонските национални и државни интереси. Доаѓа зората, изгрева зората и ја носи правдата во Република Македонија, заврши Мицкоски.

 

Треба да знаете
Последни објави