Судот се наоѓа во екот на реформите и сигурно дека не се завршени, има се уште за работа и не сме завршиле со процесот на реформи, изјави денеска на брифинг со новинари претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев.
Во однос на ниската доверба на јавноста во судството, Џолев рече дека очекува таквата перцепција брзо ќе биде променета.
– Се надевам дека таа перцепција ќе биде брзо променета, доколку веќе не е променета, изјави Џолев.
На брифингот беше посочено дека сите судници во Кривичниот суд веќе се целосно опремени за аудио снимање и се направени обуки за користење на опремата.
Џолев, посочи дека забрзано работат на намалување на бројот на предмети по стариот ЗКП и дека очекува сите такви предмети да бидат решени до 2020 година.
– На почетокот на 2017 година имало 469 нерешени предмети по стар ЗКП. Биле примени уште 290, а биле решени вкупно 390. Останале вкупно 369 нерешени. Во 2018 година биле примени нови 190, а решени 320 предмети и останале 239 нерешени предмети по стар ЗКП, изјави Џолев.
Во однос на најавениот „ветинг” од Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и можноста за такво нешто во Судот, Џолев рече дека не гледа штета во тоа, но дека сепак за „ветинг” во судството треба да се произнесе Судскиот совет и Врховниот суд.
– Мислам дека нема штета и дека има потреба од ветинг во судството, изјави Џолев.
Прашан за причината за доцнењето на голем број предмети на СЈО, Џолев рече дека, тоа не е на причина на судот.
– Сите присутни на судењата како јавност знаете дека предметите не се одложуваат поради отсуство на судот. Често пати обвинетите имаат некои барања и свои права, рече Џолев.