Триесет и прво издание на Саемот на книга од 8 до 14 мај

Во период од 8 до 14 мај во ВИП Арената Борис Трајковски ќе се одржи 31 издание на Саемот на книгата, кој веќе втора година по ред се одржува на оваа локација.

На манифестацијата учество ќе земат добро познатите македонски издавачки куќи, но и оние од регионот, поточно од Унгарија, Србија, Косово и Албанија.

И годинава издавачките куќи ќе ги понудат своите најнови изданија. Планирани се голем број на промоции, средби со автори, а љубителите на книгата можат да очекуваат и големи саемски попусти.

Во рамки на саемот на книгата, унгарската амбасада во земјава ќе организира национално претставување на унгарската литература, при што Унгарија ќе се претстави како земја во фокусот.

„Подготовките се во завршна фаза. Како и секоја година Министерството за култура како покровител на саемската манифестацијата, очекуваме да овозможи поддршка на издавачите, овозможувајќи соодветни услови за промоција на литературата и издавачката дејност”, истакна проект менаџерот на Саемот на Книгата, Сања Кондарко.

Овој саем, кој зад себе има 30 годишна традиција, како еден од најголемите културни настани во земјата, е добро познат помеѓу љубителите на книгата. Очекувањата се дека овогодишната манифестација со својата богата изложбена програма ќе ја надмине рекордната бројка од околу 45.000 посетители.

Треба да знаете
Последни објави