Американскиот претседател Доналд Трамп го отфрли како лажна вест извештајот на „Њујорк тајмс“ дека Белата куќа размислува за распоредување на 120.000 војници на Блискиот Исток, доколку Иран ги нападне американските сили или го забрза развојот на нуклеарно оружје.
„Мислам дека ова е лажна вест. Но, дали би го направил тоа? Апсолутно. Но ние тоа не го планиравме”, изјави Трамп за новинарите во дворот на Белата куќа.
Како што рече, тој се надева дека нема да има план за тоа. ,,И доколку го правиме тоа, ќе испратиме многу повеќе трупи”, додаде Трамп.
Цитирајќи неименувани претставници на администрацијата, весникот објави дека вршителот на должноста министер за одбрана на САД, Патрик Шанахан, ги претставил таквите планови на состанокот со главните безбедносни советници на Трамп минатата недела.