Денес во 14 часот во Скопје започна големиот граѓански митинг за поддршка на Стево Пендаровски за претседател на Република Северна Македонија, под мотото „Заедно Напред!“.
Митингот започне со граѓански марш пред зградата на Црвениот Крст, а ќе финализира со голем собир во центарот на главниот град кај седиштето на ЕУ.
Прв се обрати спортистот и ракометар Наумче Мојсовски откако хорот „Злата Мегленска“ ја испеа македонската химна.
Цврсто верувам, порача Мојсовски, дека донесовме тешки но правилни одлуки за нашата земја. Компромисите кои ги направивме со цел членство во НАТО и ЕУ беа повеќе од потребни. Верувам дека насоката во која сега се движиме е правилна и треба да продолжиме напред, преку глас за Стево Пендаровски.
– Јас знам дека Стево ќе се вложи 100% за нас ако му ја дадеме поддршката. И тој ќе остави срце на терен за да ја води државата напред кон подобар живот. Знам дека ќе игра за сите, нема да калкулира, нема да игра само за себе. И затоа јас му ја давам мојата целосна поддршка. Да му ја дадеме сите нашата поддршка, да продолжиме заедно напред!, повика Мојсовски
По говорот на Мојсовски беше промовиран спотот „Заедно Напред“.
Потоа пред насобраните граѓани се обрати министерот Бујар Османи.