Кандидатот за претседател Гордана Сиљановска Давкова вечерва се обрати на граѓаните во Свети Николе.
„Изворот на мојата енергија е длабоката верба дека кога верувате во право и правда во Македонија и за Македонија, на правата страна сте. Затоа и ние правниците велиме зборуваме за правен лек, правните лекови ја прават лошата политика подобра. Ама лошата политика не може да го згази правото. Лошата политика треба да се санкционира. Власта нон стоп зборува за политика, а ние нон стоп ги предупредуваме на правото, ама правото е пред политиката. Оти ако политиката не е ограничена со правото, ако не е под правото, ако не е врамена во правото таа ќе доведе до дискрециони овластувања. Ќе доведе до постапувања што не водат сметка за човековите слободи и права“, рече Сиљановска Давкова.
Таа истакна дека нема потреба да објаснува бидејќи овие две ипол години народот се изнагледал на неограничена политика, незауздана политика, а последиците се видливи и познати.
„Денешните истражувања и анкети покажуваат дека граѓаните во Република Македонија на прво место во својот живот ја ставаат економијата и економскиот развој, а него го нема. Се фалат дека сјајни биле, дека сите ги сакале, дека дури и Нобелова награда за мир ќе им доделеле. Ама народот не мисли така. Се повеќе млади си заминуваат повеќе од 78% од најумните, од најспособните, од најпотребните за Македонија заминуваат во еден правец“, нагласи Сиљановска Давкова.
Додаде дека оваа власт е далеку од Европа.
„Се што посакав од животот добив од Македонија, се што посакував значи добив со помош на мојот народ. Е сега решив да му вратам. Мислам дека знам како, мислам дека знам со кого и мислам дека вреди да се направи таква жртва“, потенцира Сиљановска Давкова.