Официјална Тирана одлучи да распродаде и отпише најголем дел од своето воено воздухопловство кое датира од времето на социјализмот.
Музеи, училишта и колекционери изразија намера на овие воздухоплови да им дадат нов дом.
На падина во северниот дел на Албанија постои база, ископана во срцето на планината. Зад масивните челични врати е скриен дел од пензионираната флота.
Во тие 600 метри планински тунели складирани се десет застарени „мигови“, кои и таму собираат прав, пишува „Пословни дневник“.
Три децении по падот на комунизмот, албанските власти се обидуваат да ги продадат овие прастари авиони од советско и кинеско производство.
„Го усогласуваме нашето оружје со стандардите на НАТО“, вели началникот на Генералштабот, Бардил Колцаку.
„Што се однесува до ‘миговите’… освен поради носталгија, за што ќе задржиме неколку во нашите музеи, другите ќе ги понудиме на продажба“, додава тој.
Албанските „мигови“ 17, 19 и 21 веќе одамна се отпишани. Музеи, училишта и колекционери покажаа интерес да ги купат. Кога Албанија првпат ја објави можноста за продажба на авионите, владата добила понуди од музеј во Франција и училиште за летање во Германија.
Продажбите до денес не се реализирани поради бирократски причини и документација.
На листата на чекање има и поединци, ентузијасти и љубители на авиони.
Почетната цена на авионите „миг 15“ од кинеско производство е 10 илјади евра.