Македонското прашање и Договорот од Преспа влијаеле и биле причина да се зголеми бројот на грчки знамиња закачени на балконите во Атина, како елемент за јавно изразување на националната свест, се заклучува во истражувањето на професорот по политички науки на Европскиот Институт во Фиренца и на Универзитетот Оксфорд, Илиас Динас, спроведено заедно со кандидатите за доктори на Институтот, Серхи Мартинез Солер и Винсенте Валедим, кое го пренесува грчкиот весник „Катимерини”.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, традиција кај Грците е два пати годишно, за време на националните празници, на 25 март и 28 октомври на балконите да го закачуваат грчкото знаме, сепак постојат и случаи кога знамето континуирано е развеано, тенденција што, според истражувањето, се зголемила во споредба со периодот 2008-2009 и 2014-2015 година.
Професорот и двајцата докторски кандидати ги преброиле знамињата на 315 балкони на случајни улици во Атина во периодот меѓу 24 јануари и 4 февруари 2019. Резултатите ги споредиле со два други временски периоди, користејќи ги мапите од Гугл Ерт, а за да постои споредба истражувањето го спровеле и во Лисабон.
Пред 10 години, во Атина, во просек имало по 0,31 знаме по улица, а сега 2,27.
– Резултатите беа импресивни. До пред неколку години, изгледаше дека двата града одат рака под рака со конкретната пракса за изразување патриотизам. Во периодот 2008-2009 година во Атина имаше во просек од 0,31 знаме по улица, додека во Лисабон 0,44 знамиња по улица. Во 2014-2015 и во двата главни градови се зголеми бројот на знамиња: во Атина беа изброени 1,04 знамиња по улица, во Лисабон 0,80 знамиња. Меѓутоа, при пребројувањето оваа година, знамињата во главниот град на Португалија значително опаднаа, просечно 0,14 знамиња по улица. Спротивно на тоа, во Атина беше забележано енормно зголемување, достигнувајќи до 2,27 знамиња на улица, пишува „Катимерини”, пренесувајќи ги резултатите од истражувањето.
Професорот Динас, за весникот се прашува, какви ќе беа резултатите доколку истражувањето го направеа во Солун.
Во однос на идејата, вели дека додека бил во Мадрид минатиот октомври, му оставиле впечаток големиот број шпански знамиња закачени на домовите по активноста организирана од граѓани преку Фејсбук по случувањата во Каталонија.
– Ми се виде интересно бидејќи добро ја знам шпанската политика, знам дека многу повеќе од нас, знамето беше „табу” за Шпанците. Во голема мера беше поврзано со Франко, во потсвеста на многумина беше поврзано со диктатурата. Но, гледајќи толку многу знамиња во Мадрид, ми се чинеше дека нормата се менува. За мене беше интересно како прашање кое не е идеолошко, каталонското прашање, ја прекрши оваа норма. Така некако ми дојде идејата да го искористам знамето како елемент за изразување на националната свест, вели професорот за „Катимерини”.
Тој објаснува дека еден од заклучоците што може да се извлечат од истражувањето е дека националниот идентитет останува жив и се активира според случувањата, а истакнува дека не треба да се заборави и улогата на политичките елити кои со јавниот дијалог можат или да ги „заострат” реакциите или да ги „ублажат”.
– Се чини дека овој пат тие го избраа првото, коментира професорот по политички науки на Европскиот Институт во Фиренца и на Универзитетот Оксфорд, Илиас Динас за „Катимерини”.