Пожарникарите не се сигурни дека пожарот што попладнево околу 18 и 50 часот ја зафати монументалната катедрала Нотр Дам во Париз ќе биде изгаснат пред да биде предизвикана огромна штета.
Пред околу еден час се урна главната кула на еден од најпосетените историски споменици во Европа, а пожарникарите сè уште се борат со огнот.
Портпаролот на противпожарната единица во Париз за „Ројтерс“ изјави дека следните час и половина се пресудни за да се утврди дали пожарот може да се изгасне наскоро.
„Се користат сите средства, освен канадери кои, ако се употребат, би можеле да доведат до колапс на целата катедрала“, рекол тој.
Заменик градоначалникот на Париз, Емануел Грегорие, изјавил дека е почната специјална акција во обид да се спасат уметничките дела кои се наоѓаат во катедралата.
УНЕСКО соошпти дека внимателно ја следи ситуацијата и ја поддржува Франција во зачувување и обновување на наследството со непроценлива вредност.
Реакции стигнаа од целиот свет. Американскиот претседател, Доналд Трамп, на „Твитер“ напиша дека е страшно да се гледа тој пожар и дека треба брзо да се делува.
Германската канцеларка, Ангела Меркел, рече дека страшните снимки од пожарот предизвикуваат болка затоа што Нотр Дам е симбол на Франција и на европската култура.
Богородичната црква или Нотр Дам е готска катедрала, која се смета за најубавиот пример за француската готска архитектура. Името Нотр Дам на француски значи „Нашата Госпоѓа“ (Богородица или Дева Марија). Ова е една од најубавите готски катедрали во светот градена во текот на целиот готски период. Скулптурите и витражите се одликуваат со големо влијание од натурализмот за разлика од пораната романска архитектура.