Бројни светски лидери и официјални лица упатија пораки за поддршка и солидарност со Французите по големиот пожар во катедралата во Нотр Дам во Париз.
Шпанскиот премиер Педро Санчез истакна дека пожарот во познатата катедрала е голема трагедија.
,,Тоа е трагедија за Франција, но исто така и за Шпанија и за Европа”, рече тој. ,,Огнот ја уништува архитектонската зграда стара над 850 години, и ќе биде тешко да се заборави овој тажен момент”. Со Франција сме”, напиша Санчез на Твитер.
Италијанскиот премиер Џузепе Конте, исто така порача дека пожарот ги погодил сите Французи, но и и сите Европјани.
Германската канцеларка Ангела Меркел истакна дека чувствува длабока тага поради пожарот во катедралата Нотр Дам, додавајќи дека нејзините мисли и мислите на нејзиниот народ се со француските пријатели.