Првиот човек на шпанскиот гигант Барселона, Хосеп Марија Бартомеу уште еднаш потврди дека има намера да ја продолжи соработката со најдобриот играч на составот од „Камп Ноу“, Лионел Меси.
Аргентинецот има активен договор со Барса до 30 јуни 2021 година со откупна клаузула од 700 милиони евра, но целта на Бартомеу е сегашниот капитен да добие нов договор со кој дефинитивно ќе ја заврши кариерата во оваа средина.
– Животниот договор со Меси ќе се случи кога ќе разговараме, тој целиот свој живот го помина тука, подолго отколку во Аргентина и неговиот живот ќе биде поврзан со Барселона. Ќе биде исто како Пеле во Сантош, – истакна Бартомеу кој запрашан за можна понуда од Реал Мадрид кратко одговори:
– На Меси можеме да му ставиме откупна клаузула од едно евро и тој нема да си замине. Тој е Барса, – рече првиот човек на каталонците.