Градот Скопје ги потсетува граѓаните дека може да ги искористат субвенциите за набавка на печки на пелети и да надоместат дел од трошоците направени при набавка на печката. На јавниот повик што Градот Скопје го објави на 31.01.2019 година, а ќе трае до 30 ноември 2019 година, досега се пријавиле 273 граѓани.
Со овој јавен повик, Градот Скопје на граѓаните што имаат купено печки на пелети од 07.11.2018 година ќе им надомести дел од трошоците за набавка на печката во висина од 70%, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство. Градот Скопје го објави јавниот повик за надоместување дел од трошоците за набавка на печки на пелети со цел да ги стимулира граѓаните да користат почисто гориво и поквалитетни печки за затоплување на своите домови – печки со повисока енергетска ефикасност и пониски емисии во воздухот.
Овој повик ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“, а ќе трае заклучно со 30 ноември 2019 година, или до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Град Скопје за оваа намена.
Право на учество на јавниот повик имаат жителите на Скопје, во општините Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај кои имаат купено печка на пелети за затоплување на своето домаќинство (станбен објект) од 07.11.2018 година до денот на завршувањето на повикот и кои ќе поднесат барање за надоместување дел од трошоците за набавка на печка на пелети. На јавниот повик немаат право на учество жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект со приклучок на градско централно греење, без оглед на тоа дали го користат, како и жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект во фаза на градба и не живеат во него.
Граѓаните треба да го достават барањето и потребната документација во затворен плик до „Комисија за спроведување на постапката за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на град Скопје за набавка на печки на пелети“ во архивата на Град Скопје, на адресата: булевар Илинден број 82, секој работен ден од 08:30 до 16 часот.
Јавниот повик може да го погледнете на следната интернет врска –
www.skopje.gov.mk/Uploads/JavenPovik/Javen%20povik%20pecki%20na%20peleti%202019%20.pdf