Уганда ќе ја разгледа можноста да му даде азил на соборениот судански претседател Омар ал Башир и покрај тоа што е обвинет од страна на Меѓународниот кривичен суд, изјави денеска министерот за надворешни работи на Уганда Окело Орјем.
„Уганда воопшто нема да се извини за разгледувањето на барањето на Башир”, изјави Окело Орјем за „Ројтерс“.
Соборениот претседател на Судан Омар ал Башир беше префрлен во затворот Кобар во главниот град Картум, објави Ројтерс претходно.
Башир е под строг надзор во самица од минатата ноќ.
Суданската армија во четвртокот минатата недела, по неколку месеци на протести, ја собори владата на Омар ал-Башир, кој владее во Судан од 1989 година и воспостави воен совет, кој ќе управува со земјата во текот на преодниот период до две години.
Башир се соочува со налог за апсење од Меѓународниот кривичен трибунал за смртта на околу 300.000 луѓе за време на востанието во западниот судански регион Дарфур пред повеќе од 10 години.