Најголем дел од времето што превозниците го поминуваат во чекање на граничните премини отпаѓа на процедурите за фитосанитарна и ветеринарна контрола, што ги задржува на границите околу три часа, но и подолго од еден ден, покажуват резултатите од мониторингот на товарните возила на граничните премини Ќафасан и Табановце, што го спровеле завчера тимови на Стопанската комора на Македонија.
Оттаму денеска апелираа што поскоро да се реализира најавата за заеднички гранични контроли со Србија и Албанија за да се намали времето на чекање транспортните трошоци кои влијаат на конкурентноста на производите. Бараат да се интензивира потпишувањето на потребните билатерални договори и очекуваат заеднички контроли најдоцна од 1 октомври годинава.
– Покрај тоа што бизносот ги презема сите неопходни мерки во делот на рационализација на своите процеси на производство да се создадат конкурентни производи неминовна е потребата да се вклучат државите од регионот да го помогнат процесот, да го олеснат транзитот и да го скратат времето ако сакаме економиите од регионот да создадат конкурентни производи наменети за странските пазари, рече на прес-конференција Анета Трајковска, оперативен директор во Стопанската комора на Македонија.
Презентирајќи ги резултатите од мониторингот наведе примери за проблемите со кои се соочуваат превозниицте, посочувајќи дека од македонска страна ветеринарните и фитосанитарните контроли работат од седум до 19 часот секој ден, но оти според укажувањата на превозниците, во Србија таквите контроли не функционираат во викендите.
– Иако на ГП „Табановце” од македонска страна е воведена втора, т.н зелена лента за камионските превозници со приоритет, и постапката е релативно брза, кога камионите ќе се упатат на српска страна се пренасочуваат на една лента и настанува тесно грло и зголемено чекање. Дополнително таа постапка се усложнува што веќе последниот месец од српска страна и при влез и излез се поставуваат уреди за следење на сите товарни возила кои влегуваат или ја напуштаат Србија, така што и тој процес доведува до зголемување на времето на чекање на граничните премини, рече Трајковска.
Мониторингот покажал дека застој на преминот Ќафасан предизвикуваат и скенирањата на возилата на албанска страна затоа што тамошните служби чекаат да се соберат повеќе камиони и откако ќе заврши царинската процедура ги пуштаат одеднаш на македонска страна.
– Во одреден дел од денот буквално нема ниту еден камион, а потоа наеднаш доаѓаат шест – седум. Затоа е и иницијативата на Стопанската комора на Македонија да се спроведуваат заеднички контроли со што би се преполовило сегашното време за процедурите, потенцира Анета Димовска, советник во комората.
Со фитосанитарната и ветеринарната контрола, како што појансува, проблем се создава и кај нас. Доколку одреден камион пристигне во текот на ноќта на Ќафасан нотиравме и дека не постои постојано присутно лице за ветеринарна контрола а превозниците треба претходно да се најават за да дојдат надлежни лица за таква контрола. Всушност превозниците кои превезуваат ваква стока и чекаат некогаш повеќе од еден ден условно речено ги создават гужвите на граничните премини, дополни Димовска.
Според резултатите од мониторнгот, преку ГП „Ќафасан” од 10 до 20 часот во понеделникот излегле 67 возила, од кои 29 за извоз од држвава, 34 излегле празни, а четири возила транзитирале. Просечното време за спроведување на царинските и полициските формалности изнесувало 13 минути. За влез во држвава, пак, биле евидентирани 147 возила, од кои 95 вршеле увоз, 45 биле празни, а седум транзитирале. Просечното евидентирано време за спроведување на сите царински и постапки пред органите на МВР на наша страна изнесувалео 23 минути, а според кажувањата на транспортерите просечното време кое што им било потребно за да ги завршат сите формалности на другата страна, на границата во Албанија, изнесувало 40 минути. Најчесто се ранспортиртало цемент и руда.
При мониторингот на ГП „Табановце” за излез во понеделникот се евидентирани 380 товарни возила, од кои 193 вршеле извоз, 130 излегле празни, а 57 биле транзит. Најдолго регистрирано време на чекање во колона на тој граничен премин за излез изнесувало 15 минути, а во поголемиот дел од денот немало чекање. Царинската и контролата на МВР, пак, не траела подолго од две минути. Мониторингот на 193 возила коишто вршат извоз покажал дека 135 превезувале метални и железни цевки, пластични производи и автокатализатори, 41 камион биле со земјоделски производи, 17 со текстилни проозводи. Возила коишто транзитирале превезувале земјоделски производи со потекло на стока од Турција, Грција и Албанија, наменети за извоз во Србија, Хрватска, Шпанија, Чешка и Русија.
На ГП Табановце при влез се регистрирани 231 товарно возило, од кои 98 вршеле увоз во државава, 40 влегле празни, а транзит биле 93 возила. Просечното време на чекање за сите царински формалности за транзит во просек изнесувале 40 минути, за транзитна постапока со царинење во внатрешноста на државата формалностите се чекало 60-ина минути. Времето за чекање за царинење во царински терминал времето зависи од видот на стоката и дали таа подлежи на фитосанитарна и ветеринарна контрола. Ако не подлежи на тие две контроли просечното време за спроведување на царинските формалности трае еден час. Доколку подлежи на фитосанитарна контрола се чека три часа, а со ветеринарна контрола и подолго од ден.
Стопанската комора на Македонија смета дека треба да се направи и дополнителна компаративна анализа за времетраењето на процедурите на граничните премини во државава, Србија, Албанија, Косово, БиХ и Црна Гора.
Поттик за спроведениот момниторниг биле податоците што ги објави минатата година Светска банка, а според кои товарните возила губат 80 проценти од времето чекајќи на граничните премини, а останатите 20 проценти им се во движење на автопатиштата. Чекањето, оосбено во балканските држави, според тие податоци, ја намалува врендоста на извозот за еден процент, а кај земјоделските производи намалувањето може да достигне и до седум проценти.