„Пештерните цркви од 14 век во кавадаречко”, е насловена изложбата која денеска беше отворена во Музеј-галеријата во Кавадарци.
Преку фотографии, карти и скици се презентирани пештерните цркви „Свети Лазар” од село Бегниште и „Свети Никола” од село Драдња, единствени од ваков вид во кавадаречко.
Весна Ѓорѓиева, директор на Музејот, рече дека средновековните пештерни цркви и манастири се богата културна, духовна и просветителска ризница. Свидетели за творечките импулси на нашите зографи и градители, за монашкиот живот исполнет со молитва и пост и љубов кон Бога. Заштитни конзерваторски зафати биле преземени во 2007 година.
Наташа Матакова, професор по историја, нагласи дека гледано низ призмата на културното наследство, кавадаречкиот регион претставува ризница на цркви, манастири, фрескоживописи, икони и иконостаси и многу други движни и недвижни културни добра од различен вид и период на создавање.