Додека жителите на Венецуела се борат со глад и прекини во снабдувањето со електрична енергија, во земјата во подем е недозволената трговија со кокаин.
Американски официјални лица сметаат дека венецуелската воена и политичка елита ја олеснува трговијата, односно нелегалниот шверц на кокаин од Венецуела во други земји, особено во САД, со користење на мали и нерегистрирани авиони, пишува Си-ен-ен.
Според истрагата на американската телевизја која го следела патот на кокаинот во тој регион, забележано е дека бројот на сомнителни летови од Венецуела се зголемил од околу два лета неделно во 2017, на речиси секојдневни прелети во 2018. Така, годинава се регистрирани дури пет истовремени ноќни летови.
Регионални и американски официјални лица кои се запознаени со состојбата на трговијата со кокаин во Венецуела, за Си-ен-ен го опишале најновиот курирски систем кој укажува на исклучително богатење на елитите вклучени во незаконската трговија.
„Шверцерите на дрога сè повеќе ја користат соработката со венецуелската влада“, вели еден американски официјален претставник, додавајќи дека секоја пратка на кокаин од Јужна Америка на картелите им е толку финансиски профитабилна така што авионите им изгледаат како бесплатни во споредба со заработката.
Се проценува дека само во 2018 година, 240 тони кокаин биле транспортирани во Венецуела од Колумбија, со цел со авиони да бидат пренесени надвор од земјата.