Обвинетиот на 12.12.2018, во гардеробата на спортската сала при СУГС „Никола Карев”, на дрзок начин се обидел да одземе туѓи подвижни предмети со намера противправно да ги присвои. Имено, тој влегол во соблекувалната во која биле оставени облека, лични предмети и торби на посетителите и започнал да претура во внатрешноста на една од торбите. Во тој момент во соблекувалната дошла оштетената која го затекнала. Обвинетиот се упатил кон неа, ја оттурнал од вратата на соблекувалната кон скалите и избегал.
По неговото лишување од слобода, на обвинетиот со Решение на судија на претходна постапка од 11.04.2019 година му беше определена мерка притвор во траење од осум дена. Ценејќи дека и натаму постои реална опасност тој да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, надлежниот јавен обвинител до судот достави и Предлог за продолжување на притворот за обвинетото лице.