Словенечкиот голман на Атлетико Мадрид, Јан Облак потпиша нов договор со шпанскиот клуб, се пофалија на официјалниот сајт „јорганџиите”. Новиот договор ќе го задржи на „Ванда Метрополитано” до 30 јуни 2023 година.
Облак пристигна во клубот во текот на летото на 2014 година, кога тимот од Мадрид го купи од португалскиот гигант Бенфика. Поранешниот голман на Олимпија Љубљана веќе има 203 натпревари во дресот на Атлетико, а во 115 од нив забележал „сува мрежа”.
Облак е избиран за најдобар фудбалер на Словенија во изминатите 4 години, а во сезоната 2015/16 и сезона 2016/17 влегува во идеалниот тим на годината на Лигата на шампионите. Во сезоната 2017/18, пак, е дел од идеалниот тим на годината на Лига Европа.
„Многу сум среќен со продолжувањето на договорот и со тоа што сум тука. Ќе ги бранам овие бои со сите сили и ќе продолжам да работам напорно”, изјави 26-годишниот голман.