Универзитетски професор е уапсен за обидот за палење на катедралата во Њу Џерси.
Њујоршката полиција соопшти дека професорот Марк Лампарело (37) е осомничен за обидот за предизвикување на пожар, како и за кривично дело предизвикување на општа опасност. Тој денеска планирал да замине за Рим, за што имал резервирано лет.
Осомничениот по приведувањето рекол пред полицајците дека минувал покрај катедралата за да стигне до Авенијата Медисон бидејќи во комбето снемал бензин, пренесе „АП“.
Полицијата ги проверила наводите и воочила дека возилото не останало без бензин. Се наведува дека осомничениот претходно и бил познат на полицијата.
На прашањето дали инцидентот е со терористички мотиви, заменик комесарот за известување и антитетористички работи на њујоршката полиција, Џон Милер изјави дека е прерано да се заклучи такво нешто.
Тој сепак забележа дека до инцидентот дошло два дена по пожарот во париската катедрала Нотр Дам.
Мажот влегол во катедралата Свети Патрик во Њујорк со два канистри полни со бензин, течност за запалки и запалка, кога се судрил со обезбедувањето. Потоа сакал да излезе, но бензинот се истурил по подот, а обезбедувањето ја известило полицијата. Тие го уапсиле и го однеле на сослушување.