Хуманитарен концерт се одржа синоќа во Неготино, а средствата собрани од влезниците се наменети за социјално загрозено семејство. Пред присутните во Центарот за култура “Ацо Ѓорчев”, настапија членови на Културно уметничкото друштво „Јане Сандански” и Дуо „Грациозо”.
Етно настанот беше дел од проектот „Црвен крст во акција-Промоција на хумани вредности”, во кој се вклучени младите од клубот на Црвениот крст – ученици од деветтите одделенија од основните училишта од Неготино и Демир Капија.
-Иако сме мали, спремни сме и правиме големи дела. Подајте ни рака, да има повеќе хумани срца и повеќе насмевки, порачаа организаторите на настанот, Викторија Трајкова, Ивона Ѓорѓиева, Мартина Јовановиќ, Радица Златева и Сандра Тренчева. Тие изразија благодарност за поддршката до културно уметничкото друштво, етнокореолозите Александар Арсов и Симе Стоилов, до Кристина Палија и Невенка Дуковска од „Грациозо”, како и до директорката на Музејот Драгица Чекоровска.
Претходно, како дел од проектот, во неготинскиот музеј се организираше хуманитарна изложба.