Црногорската влада донесе одлука од воената морнарица на црногорската армија да се повлечат двата патролни брода П-33 и П-34 и да се понудат на продажба, а парите од продажбата да се насочат кон купување на ново оружје и опрема.
Оваа одлука е образложена со тврдењето дека бродовите се „преголеми, прескапи и премногу комплицирани за употреба во морнарицата на Црна Гора”, која нема ни кадар кој може да работи на нив, објавија подгорички „Вијести“.
Бродовите се направени на крајот од осумдесеттите години и ја покажуваа големата моќ на поморската флота на поранешната југословенска морнарица.
Досега неколку земји покажаа интерес за купување на овие два брода кои технички се во добра состојба и кои по модернизацијата на оружје и електроника може да се приклучат во составот на нивните морнарици, а меѓу заинтересираните страни се Пакистан, Турција, Бангладеш и Израел.